MKinformer

your daily dose of news

Кривична пријава против полицаец од Ѓорче Петров

02/02/2026 17:50

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерство за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, против А.Ј., полициски службеник вработен во ПС ОН Ѓорче Петров.

Пријавата е поднесена поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело „оддавање на службена тајна“, казниво по член 360 од Кривичниот законик.

Случајот датира од 20 декември 2025 година, кога управител на угостителски објект во Скопје пријавил кривични дела „оштетување на туѓи предмети“ и „изнуда“. Во рамки на постапувањето по пријавата за оштетување, управителот му доставил на полицискиот службеник видео-снимка од безбедносните камери, која требало да биде користена исклучиво како доказен материјал.

Наместо видеото да остане во службена употреба, осомничениот, според наводите, го споделил преку социјалната мрежа Инстаграм со лице кое издржува затворска казна во КПД Затвор Прилеп. Истото лице, инаку, било пријавено од управителот на објектот како осомничено за кривичното дело „изнуда“.

Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола најави и поведување дисциплинска постапка против А.Ј. поради тешко кршење на работниот ред и дисциплина. Воедно, ќе бидат преземени задолжителни мерки, меѓу кои одземање на службеното оружје и муниција, упатување на задолжителен психолошки и психијатриски преглед, како и негово времено отстранување од работното место, односно суспензија, сè до завршување на дисциплинската постапка.

Од МВР потенцираат дека нема да толерираат каква било злоупотреба на службената положба и дека сите вакви случаи ќе бидат санкционирани согласно закон.

error: Содржината е заштитена од копирање !!