MKinformer

your daily dose of news

ШТО НАВИСТИНА СТОИ ЗАД ТВРДЕЊАТА: Македонија спомната во научно истражување за мозоци, не во „продажба“ во случајот Епстин

02/02/2026 15:27

Во јавноста се појавија сензационалистички тврдења дека „илјадници човечки мозоци од македонски државјани биле продавани“, поврзувајќи ја Македонија со случајот на починатиот американски милијардер Џефри Епстин. Сепак, достапните документи, научни трудови и изјави од релевантни институции покажуваат поинаква слика, станува збор за легална и етички одобрена научна соработка, а не за трговија со човечки органи.

Македонија се спомнува како една од земјите вклучени во меѓународно научно истражување за формирање банка на човечки мозоци, наменета за проучување на психијатриски и невропатолошки состојби. Истражувањето било реализирано во 1990-тите и почетокот на 2000-тите години, во соработка со Универзитет Колумбија и македонски медицински институции.

На интернет-страницата на Национална библиотека за медицина на САД е објавен научен труд од јули 2014 година, издаден од Македонска академија на науките и уметностите, Оддел за медицина. Трудот, со наслов „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: општи лекции за научна соработка меѓу земји со различно богатство“, детално ја опишува оваа соработка.

Автори на трудот се професорот Горазд Росоклија од Универзитетот Колумбија, поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје Алексеј Дума и професорот Ендру Џеј Дворк.

Алексеј Дума во изјава за 360 степени потврдува дека проектот бил исклучиво научен, финансиран од Националниот институт за здравје на САД и реализиран со одобрение од етичката комисија на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој категорично негира каква било продажба или профит:

„Мозокот не може да се продаде, ниту да се трансплантира. Не постои црн пазар за такво нешто“, изјави Дума.

Во документите што ги објави Министерство за правда на САД на 30 јануари 2026 година, Македонија се спомнува индиректно во контекст на новинарско истражување на Bloomberg Businessweek, кое ја обработува темата за меѓународни банки на мозоци за истражувачки цели. Во тие материјали нема докази за нелегална трговија, ниту за директна вмешаност на Епстин во македонски институции.

Експертите потенцираат дека станува збор за пример како дезинформациите и делумните интерпретации можат да создадат погрешна перцепција кај јавноста, особено кога се поврзуваат чувствителни теми со контроверзни личности.

One thought on “ШТО НАВИСТИНА СТОИ ЗАД ТВРДЕЊАТА: Македонија спомната во научно истражување за мозоци, не во „продажба“ во случајот Епстин

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!