По повеќе од една деценија: конечно ќе се доградуваат недовршените објекти кај УКИМ
03/02/2026 12:15
Двата недовршени објекта во близина на Ректоратот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, чија изградба е стопирана повеќе од десет години, конечно ќе продолжат да се градат, откако ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи.
Од Министерство за образование и наука информираат дека на 30 јануари завршил рокот за пријавување на тендерот за изработка на нови проекти за градба, кој беше објавен кон крајот на 2025 година. Повикот се темели на стручна анализа за моменталната состојба на објектите и на реалните потреби на нивните идни корисници.
Поради променетите стандарди и потреби во однос на периодот кога изградбата започна во 2013 година, донесена е одлука двата објекта во иднина да ги користи исклучиво Факултет за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ). За Факултет за физичко образование, спорт и здравје, за кој првично беше наменет едниот објект, се планира изградба на нова зграда на постојната локација.
Стручната анализа ја изработила работна група координирана од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет, во која учествувале и експерти од ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Марковски за МИА изјави дека објектите, со вкупна површина од 22.753 квадратни метри, ќе го задржат постојниот габарит и нема да добијат барокна фасада. Предвидена е целосна прераспределба на внатрешните простории, нови инсталации и современа модернизација, а двата објекта ќе бидат подземно и функционално поврзани, бидејќи ќе служат за потребите на еден факултет.
Анализата покажала и загрижувачка појава на силна карбонизација на бетонот, како последица на долготрајна изложеност на атмосферски влијанија и високото загадување на воздухот во овој дел од Скопје. Според Марковски, тоа укажува на високо присуство на јаглерод диоксид, но конструкцијата во моментов е стабилна и со соодветни заштитни мерки може да се спречи понатамошна деградација.
Динамиката на продолжување на изградбата ќе зависи од средствата обезбедени во државниот буџет. Очекувањата се проектирањето да заврши до есен, а до крајот на годината да биде распишан тендер за избор на изведувач на градежните работи.
Од МОН посочуваат дека анализата е изработена бесплатно, од општествена одговорност, со цел да се обезбеди безбеден и современ простор за студентите и наставниот кадар на ФИНКИ.





