Левица предлага закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
05/02/2026 11:16
Политичката партија Левица поднесе предлог-закон со кој, како што велат, има за цел целосна департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство во Македонија.
Од Левица информираат дека предлог-законот предвидува јасни и строги правила за вработување, унапредување и раководење во јавните здравствени установи, со цел да се спречат партиски влијанија, семејни врски и клиентелизам при изборот на кадри. Според партијата, здравствениот систем со години е заложник на партиски договори, што директно влијае врз квалитетот на здравствените услуги и довербата на граѓаните.
„Јавното здравство мора да биде ослободено од партиски директиви и роднински вработувања. Лекарите, медицинските сестри и целиот здравствен персонал треба да напредуваат исклучиво врз основа на знаење, искуство и професионални резултати“, порачуваат од Левица.
Предлог-законот, меѓу другото, предвидува транспарентни конкурси, јавно објавување на критериумите за избор, забрана за директно вработување на блиски роднини во иста установа, како и засилени контролни механизми и санкции за прекршителите.
Од партијата најавуваат дека законот ќе биде доставен до Собрание на Република Северна Македонија и повикуваат на широка јавна и стручна дебата, истакнувајќи дека департизацијата на здравството е клучна за подобрување на здравствената заштита и заштита на јавниот интерес.






