MKinformer

your daily dose of news

Тошковски: „Safe City“ засега нема да казнува за погрешно паркирање и запирање

05/02/2026 10:45

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски појасни дека системот „Safe City“ во моментов не санкционира прекршоци за погрешно паркирање и запирање, бидејќи таа функционалност сè уште не е целосно активирана.

Во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија, Тошковски истакна дека ваквите прекршоци не се евидентираат ниту во тест фазата, ниту во актуелната примена на системот. Како причина, тој ја наведе потребата од дополнително усогласување на сообраќајната инфраструктура.

„Оценивме дека е неопходно прво да се направи нивелирање во делот на сообраќајната сигнализација поврзана со погрешно паркирање и запирање“, изјави министерот.

Тошковски нагласи дека МВР нема намера да брза со казнувањето за да не се создаде конфузија и да не се оштетат граѓани или правни лица кои, во одредени ситуации, немаат друг начин да ги остварат своите потреби. Како пример, тој го посочи застанувањето пред аптека во итни случаи, каде што, според него, мора да постои одредено разбирање.

„Ако сме се договориле да играме по одредени правила на игра, мора сите да ги почитуваме тие правила“, истакна Тошковски, нагласувајќи дека пред активирање на казните мора да постојат јасни протоколи.

Министерот најави дека за целосна имплементација на оваа функција од системот „Safe City“ е потребна тесна соработка со градските власти. Според него, надлежното јавно претпријатие треба да донесе одлуки за временските зони за дотур на роба и да постави соодветна сообраќајна сигнализација на локациите каде што има камери.

До тогаш, како што нагласи Тошковски, фокусот на полицијата останува насочен кон најтешките сообраќајни прекршоци.

„Во рамки на тест периодот се фокусиравме на прекршоци од кои директно се губат човечки животи“, заклучи министерот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!