„Сејф Сити“ стартува од утре: Камерите ќе казнуваат брзина, црвено светло и непрописно паркирање
31/01/2026 11:54
Од утре официјално започнува со работа полицискиот систем „Сејф Сити“, преку кој автоматски ќе се регистрираат и санкционираат сообраќајните прекршоци на територијата на Скопје.
Во првата фаза, системот ќе детектира пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, непрописно запирање и паркирање, како и управување со нерегистрирано возило, информираат од Министерство за внатрешни работи.
Најстрого ќе се санкционира поминувањето на црвено светло, за што е предвидена глоба од 250 евра и одземање на возачката дозвола во времетраење од три до 12 месеци. За пречекорување на дозволената брзина, казните ќе се движат од 15 до 300 евра, во зависност од тежината на прекршокот.
Непрописното запирање и паркирање ќе се казнува со глоби од 25 до 180 евра, додека управувањето со нерегистрирано возило ќе се санкционира со казни од 100 до 500 евра. Од МВР потсетуваат дека сите глоби може да се намалат за 50 проценти доколку се платат во рок од осум дена.
Иако казнената политика е ригорозна, од Министерството нагласуваат дека целта на системот „Сејф Сити“ не е репресија, туку зголемување на сообраќајната култура и подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Во пресрет на официјалниот старт, веќе е забележливо посмирено и повнимателно возење низ главниот град, што според надлежните е прв позитивен ефект од воведувањето на системот.






