Толеранцијата на „Сејф Сити“ камерите иста како кај полициските радари, службените возила не се исклучок
24/12/2025 22:23
Отстапките, односно толеранцијата при мерење на брзината преку камерите од системот „Сејф Сити“, ќе бидат целосно усогласени со оние што веќе се применуваат кај постојните полициски радари, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Тошковски појасни дека толеранцијата ќе изнесува:
-
6 километри на час за брзини до 100 км/ч,
-
8 километри на час за брзини над 100 км/ч,
-
12 километри на час за брзини над 200 км/ч.
Тој нагласи дека оваа толеранција важи исклучиво за сообраќајни прекршоци, но не и во случаи кога се сторува кривично дело поврзано со сообраќајот.
Министерот истакна дека системот „Сејф Сити“ ќе ги евидентира и санкционира и службените возила, доколку тие не се движат во рамки на оправдани оперативни дејствија.
„Кога службените возила дејствуваат во рамки на нивните законски и оперативни задачи, тие нема да бидат санкционирани. Но, доколку нема оправдана причина за брзо возење, казните ќе важат за сите – без исклучок“, изјави Тошковски.
Тој појасни дека возилата на брзата помош, пожарната, МВР и Министерството за одбрана нема да бидат опфатени од системот само доколку нивното движење е оправдано според целисходноста на службената задача. Во спротивно, тие ќе бидат процесуирани како и сите други учесници во сообраќајот.
Како пример, Тошковски посочи случаи во кои службени возила биле користени без соодветна намена, при што, како што рече, во такви ситуации мора строго да се почитуваат сообраќајните правила.
Воведувањето на „Сејф Сити“ отвори поширока јавна дебата за ефикасноста на системот, неговата законска примена и дилемата дали станува збор за безбедносна мерка или фискален инструмент – прашања што, според најавите, ќе останат во фокусот и во наредниот период.




