МВР со масовни контроли: Низа возачи и малолетници фатени без возачка дозвола возилата одземени
06/02/2026 13:15
Во текот на 5 февруари 2026 година, полициските служби низ повеќе градови во државата спроведоа засилени сообраќајни контроли, при што беа лишени од слобода повеќе лица кои управувале моторни возила без важечка возачка дозвола, а во сите случаи возилата беа одземени по насоки на надлежен јавен обвинител.
Како што информира Министерство за внатрешни работи, интервенции биле реализирани во Ресен, Прилеп, Гостивар, Скопје, Струмица, Кавадарци и Струга. Меѓу приведените има и малолетници – 15 и 17 години – кои управувале возила без никакво право за тоа.
Во Ресен и прилепско беа приведени двајца 27 и 28-годишници, додека во гостиварско е лишен од слобода 24-годишен возач без положен возачки испит. Во Скопје, на кејот „Димитар Влахов“, полицијата приведе 23-годишно лице кое управувало возило без дозвола, а слични случаи се евидентирани и во Струмичко и Кавадаречко.
Особено загрижува фактот што во неколку случаи возилата ги управувале малолетни лица, при што полицијата веднаш постапила и ги одзела возилата. Во Струшко, пак, е затекнат возач кој управувал со активна забрана за управување моторно возило.
Од МВР потенцираат дека управувањето без возачка дозвола претставува сериозно кршење на законот и директна закана за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. По целосно документирање на случаите, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави.




