25 години руски женски хор „Славјанка“: Свечен концерт во Скопје
08/02/2026 16:55
Со свечен целовечерен концерт во хотелот Холидеј Ин во Скопје, рускиот женски хор, ансамблот СЛАВЈАНКА одбележа 25 години од своето постоење и дејствување во Македонија.
„Славјанка“ е женски хор составен од Русинки кои живеат во Македонија, но и од Македонки, обединети преку љубовта кон традиционалната музика. Ансамблот изведува руски и македонски народни и традиционални песни, негувајќи ја културната размена и заемното почитување меѓу двата народа.
Ова културно-уметничко друштво веќе четврт век активно ја афирмира руската музичка традиција во Македонија, а преку својата уметничка работа го истакнува и пријателството меѓу македонскиот и рускиот народ. Во текот на своето постоење, „Славјанка“ има настапувано на бројни концерти, фестивали и културни манифестации и во Македонија и во Русија, при што има освоено и значајни награди и признанија.
Во моментов ансамблот брои 16 членови, а нивниот репертоар опфаќа повеќе од 60 песни, претежно родољубни и љубовни композиции.
Уметнички раководител, диригент и коосновач на хорот е Олга Деспотович, која има клучна улога во уметничкиот развој и континуитетот на ансамблот.
Покрај вокалните изведби, јубилејниот концерт беше збогатен и со балетска точка, како и со рецитал на поезија од рускиот поет Сергеј Јесенин, што на настанот му даде дополнителна уметничка димензија.
Пишува
Милева Лазова






