Проф. Милевски по земјотресот: Нема место за паника, Шар Планина природно се издигнува
11/02/2026 9:53
По силниот земјотрес што вечерва ги вознемири граѓаните во северозападниот дел од земјата, професорот Ивица Милевски од Природно-математички факултет излезе со смирувачка порака и стручно објаснување за потресот.
Според Милевски, нема причина за паника бидејќи станува збор за природен геолошки процес, поврзан со тектонските движења во подрачјето на Шар Планина.
„Со овој потрес, планината се извишила, можеби само за десетина милиметри. Иако звучи малку, кога тоа ќе се случи одеднаш, и не е малку“, објасни професорот.
Тој посочи дека ваквите процеси траат милиони години и претставуваат дел од природната динамика на земјината кора. Според него, издигнувањето на планинските масиви е континуиран процес кој повремено се манифестира преку земјотреси.
„Нека си тера таа како што тера со милиони години, малку по малку, а ние може да си одмориме“, порача Милевски, апелирајќи граѓаните да останат спокојни.
Надлежните институции ја следат состојбата, а засега нема информации за поголеми штети или повредени лица.






