Граѓаните можат да стивнат: Продолжен рокот за легализација на објекти до 2031 година
11/02/2026 23:57
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе предлог-измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се предвидува продолжување на рокот на важност за уште пет години, односно до 3 март 2031 година.
Пратеникот Бојан Стојановски изјави дека целта на измените е да се спречи прекин на илјадници постапки кои се во тек, а кои според актуелниот закон требаше да завршат до 3 март 2026 година.
– Граѓаните не смеат да останат со нерешен статус на својот дом поради административни препреки или поради бавни процедури. Многу наши сограѓани со години се заглавени во лавиринтите на судски спорови и имотно-правни постапки кои не се по нивна вина. Ние нема да дозволиме тие предмети да бидат прекинати „по сила на закон“ – изјави Стојановски.
Со предложените измени, наместо досегашниот рок од 15 години, законот ќе важи вкупно 20 години. Според предлагачите, измената нема да овозможи поднесување нови барања за легализација, туку ќе се однесува исклучиво на веќе започнатите постапки.
Стојановски нагласи дека иницијативата доаѓа како одговор на барање од Управниот одбор на ЗЕЛС и од општините, кои се соочуваат со голем број нерешени предмети на терен.
Дополнително, како што беше посочено, предложеното решение нема да предизвика финансиски импликации врз Буџетот на државата и ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“, со цел да се избегне правен вакуум.
– Како пратеници, наша должност е да бидеме сервис на граѓаните. Со оваа измена им овозможуваме на илјадници семејства конечно да го регулираат статусот на својот имот и да обезбедат правна сигурност – додаде Стојановски.
Предлог-законот е поднесен по скратена постапка и се очекува да биде разгледан во Собранието во наредниот период.





