MKinformer

your daily dose of news

Минимална плата од 600 евра и продолжување на рокот за легализација до 2031 денес пред пратениците

19/02/2026 11:44

Собранието денеска треба да ја продолжи 85. седница, на чиј дневен ред се два предлог-закона – за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за изменување и дополнување на Законот за минимална плата. Двата акта се предложени по скратена постапка – првиот од пратеници од владејачкото мнозинство, а вториот од опозицијата.

Со измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се предлага продолжување на рокот за легализација за уште пет години. Наместо досегашните 15 години, законот би важел вкупно 20 години, односно до 3 март 2031 година.

Пратеникот Бојан Стојановски изјави дека целта е граѓаните да не останат со нерешен статус на своите домови поради административни пречки или бавни процедури. Тој посочи дека актуелниот рок истекува на 3 март 2026 година, што би значело прекин на илјадници постапки кои се во тек.

Според предлагачите, со измените нема да се овозможи поднесување нови барања, туку ќе се обезбеди правна сигурност за општините да ги завршат веќе започнатите предмети. Иницијативата, како што наведуваат, произлегува по барање на ЗЕЛС и не предизвикува дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет. Предвидено е измените да стапат во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“.

Вториот предлог-закон, поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, предвидува минималната плата да изнесува 600 евра. Пратеничката Јована Тренчевска изјави дека ова решение е одговор на барањата на синдикатите и работниците, кои се соочуваат со зголемени трошоци за живот. Од партијата оценуваат дека има простор во буџетот за вакво зголемување и ги повикаа пратениците да го поддржат предлогот.

На дневен ред е и Предлог-резолуција за почитување на стандардите на правична постапка во меѓународното судење против поранешните челници на институциите на Република Косово, поднесена од Демократска унија за интеграција (ДУИ).

Покрај пленарната седница, денеска ќе заседаваат и Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и Законодавно-правната комисија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!