Собранието го продолжи рокот за легализација до 2031
19/02/2026 21:14
Собранието денеска, во рамките на 85. седница, по скратена постапка го донесе Законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, со што рокот за завршување на постапките се продолжува за уште пет години, односно до март 2031 година.
Законот беше изгласан со 67 гласа „ЗА“, 5 „ПРОТИВ“ и без воздржани.
Измените се однесуваат исклучиво на објекти изградени до 2011 година и, според предлагачите, не отвораат можност за поднесување нови барања за легализација, туку овозможуваат довршување на веќе започнатите постапки.
Иницијативата за продолжување на рокот беше поднесена од ЗЕЛС до Собранието, Владата и до Министерството за транспорт. Од Управниот одбор на ЗЕЛС посочија дека голем дел од предметите останале незавршени поради судски спорови, нерешени имотно-правни односи и други процесни причини, поради што без продолжување на рокот постапките би запреле по сила на закон.
Со денешните измени, во членот 5 од законот зборовите „петнаесет години“ се заменуваат со „дваесет години“, со што се означува вкупното времетраење на процесот на озаконување.
Од парламентарното мнозинство нагласија дека станува збор за техничко продолжување за да не се прекинат илјадници предмети што се во различни фази. Пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со измените не се отвора нов процес на легализација, туку се обезбедува правна сигурност за граѓаните кои навреме поднеле барања.
Поддршка најавија и пратеници од СПМ и Беса, со образложение дека граѓаните не треба да бидат казнети поради административни или судски застои.
Од опозициската Левица, пак, оценија дека законот испраќа погрешна порака и може да стимулира нови дивоградби. Пратеникот Сашко Јанчев посочи дека процесот што требало да биде еднократен во 2011 година, со новите измени практично се продолжува на 20 години.
Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ нагласи дека пролонгирањето е неопходно поради нефункционалноста на системот, но истовремено повика на суштинска реформа на урбанистичкото планирање за да се спречат нови бесправни градби.
Од 2011 година наваму, процесот на легализација беше неколкупати пролонгиран, а со последната одлука рокот за завршување на започнатите постапки се поместува до март 2031 година.






