Објавени ревизорските извештаи за ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левицата и за Алтернативата за 2024 година
24/02/2026 20:52
Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на сметките за редовно работење за 2024 година кај ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и Алтернатива.
ДУИ – мислење со резерва
За ДУИ, ДЗР изразува мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Ревизијата утврдила дека влезните фактури не се архивираат во моментот на прием, со што не може да се потврди нивното хронолошко евидентирање. Исплатени се и расходи за материјални трошоци без соодветна поткрепувачка документација, а во 2024 година биле уплатени средства за членарина над законски дозволениот лимит – состојба на која ревизорите укажувале и во претходните години. Дополнително, било нотирано дека партиско-истражувачкиот аналитички центар не бил соодветно кадровски екипиран, состојба која, според ДЗР, е надмината во 2025 година.
Од одговорното лице на партијата не биле доставени забелешки на нацрт-извештајот.
ВМРО-ДПМНЕ – препорака зависна од судска постапка
Во извештајот за ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека претходна препорака од ревизијата за 2023 година не е спроведена, бидејќи нејзината реализација зависи од завршување на судска постапка.
Ревизорите констатирале и забрана за привремено располагање со дел од имотот на партијата поради поведена постапка. Во меѓувреме, суд донел решение со кое делумно се уважува предлогот за укинување на привремените мерки. За утврдените состојби е дадена препорака за нивно надминување.
Во делот „нагласување прашања“, ДЗР ја посочува структурата на приходите и расходите за 2023 и 2024 година, како и состојбата со ненамирени обврски кон доставувачи. Забелешки на нацрт-извештајот не биле доставени.
СДСМ – препорака во тек на спроведување
Кај СДСМ, ревизијата покажала дека препораката од 2023 година е во тек на реализација. Станува збор за нерешен сопственички статус на дел од градежните објекти наследени од правен претходник, поради што тие не се евидентирани во надлежната агенција и во сметководствената евиденција.
Ревизорите констатирале дека се преземаат активности за надминување на оваа состојба и дадена е препорака тие да продолжат. Во делот на нагласување прашања се истакнува дека и во 2024 година партијата не остварила приходи од членарини.
Левица – мислење без резерва
За Левица, ДЗР изразува мислење без резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со релевантната законска регулатива. Во извештајот се обелоденува структурата на приходите и расходите за 2023 и 2024 година.
Алтернатива – забелешки за сметководството
За Алтернатива, ДЗР изразува мислење со резерва. Иако двете препораки од 2023 година се спроведени, ревизијата за 2024 година утврдила неправилности во начинот на водење на сметководството, кое не е целосно усогласено со Законот за сметководство на непрофитните организации.
Констатирано е дека донациите од правни лица во форма на попуст не се соодветно евидентирани, амортизацијата не се пресметува по пропишани стапки, а не е извршена ниту ревалоризација.
Системски слабости во регулативата
Во сите извештаи, ревизорите укажуваат и на потреба од законски измени, меѓу кои: преиспитување на одредби од Изборниот законик поврзани со финансирање на изборните кампањи, донесување поконкретни насоки за евидентирање на членарините и утврдување рокови за планирање и исплата на средствата од редовното финансирање.
Од ДЗР апелираат надлежните институции да преземат активности за надминување на утврдените системски слабости.






