MKinformer

your daily dose of news

ДЗР откри 7 години невратен мазут во Агенцијата за нафтени резерви

21/07/2026 12:48

ДЗР откри неправилности во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил низа слабости во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви при контролата на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива за 2024 година.

Ревизорите оцениле дека финансиските извештаи реално ја прикажуваат состојбата на Агенцијата, но за законското работење дале мислење со резерва поради утврдени пропусти и неусогласености.

Не доставувале предлози за количината на резервите

Еден од проблемите што го нотирале ревизорите е тоа што Агенцијата во повеќегодишен период не доставила предлог-одлука за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното министерство.

Дополнително, утврдени се неправилности поврзани со исплата на плати и надоместоци, кои според ДЗР не биле целосно усогласени со законските прописи. Забележан бил и несоодветен начин на евидентирање на полното работно време.

Проблеми со мазутот и нафтените деривати

Во делот на посебните забелешки, ДЗР посочува состојби поврзани со невратена позајмица на мазут од државен орган, која трае повеќе од седум години.

„Обелоденети се состојби кои се однесуваат на невратена позајмица на мазут од државен орган повеќе од седум години и трајно издавање на деривати од нафтените резерви по одлуки на Влада по прогласена кризна состојба“, наведуваат од ДЗР.

Слабости во законите и контролите

Ревизорите укажуваат и на недостатоци во законската регулатива, особено во делот на усогласувањето на вредноста на залихите, како и нејаснотии околу надлежностите за донесување подзаконски акти меѓу Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Како проблем е посочен и неутврдениот мандат на директорот на Агенцијата, како и постапката за именување вршител на должност.

Дополнително, во институцијата не била воспоставена функција на внатрешна ревизија, што според ДЗР претставува слабост во системот на внатрешни контроли.

Дел од старите препораки сè уште не се реализирани

Во извештајот се наведува дека и при претходната ревизија за 2018 година било изразено мислење со резерва.

Последователната проверка покажала дека дел од препораките биле спроведени, дел биле во процес на реализација, додека една препорака останала целосно неспроведена.

Од ДЗР информираат дека нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор не бил предмет на забелешки од страна на Агенцијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!