Министерот за правда Филков изненаден и разочаран од куќниот притвор за Груби
24/02/2026 15:58
Министерот за правда Игор Филков на прес-конференција побара јавно и детално образложение за одлуката со која мерката притвор е заменета со куќен притвор во предмет поврзан со истрага за проневера од над осум милиони евра.
Тој нагласи дека досега се воздржувал од коментирање конкретни судски и обвинителски одлуки, почитувајќи го принципот на поделба на власта, но дека во случај кога се отвораат сериозни дилеми за еднаквоста пред законот, има обврска да побара отчетност.
Прашања за ризикот од бегство
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, и дека ризикот од бегство веќе бил утврден и реализиран. Според него, јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
Тој јавно ги повика:
-
јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот;
-
раководителот на скопското обвинителство Анел Фидоски да се изјасни дали стои зад одлуката и дали смета дека таа испраќа порака за еднаква примена на законот;
-
судијата на претходна постапка во Основен кривичен суд Скопје, Марин Станевски, да појасни кои околности го надминале ризикот од бегство.
Надзор во затворите
Министерот информираше дека побарал дополнителни информации од надлежните институции за условите во притворските установи и најави вонреден надзор во казнено-поправните домови, со цел да се утврди безбедносната состојба.
„Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип“, порача Филков.






