Мицкоски: Постојат доверливи безбедносни проценки за Груби, не можам јавно да ги објавам
27/02/2026 9:24
Премиерот Христијан Мицкоски во гостување на телевизија „Сител“ изјави дека побарал детално објаснување од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во врска со безбедносните проценки за поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Според Мицкоски, надлежните институции изготвиле документи и проценки врз основа на кои било оценето дека Груби не би бил безбеден доколку биде притворен во истражниот затвор „Скопје“.
„Постојат документи и проценки од надлежните институции, но тие се со степен на тајност и не можам да ги објавам“, изјави премиерот, посочувајќи дека станува збор за класифицирани и строго доверливи информации.
Во интервјуто, тој ги демантираше шпекулациите дека враќањето на Груби во земјата, како и неговото претходно заминување преку граничниот премин „Блаце“, било резултат на политички договор меѓу власта и поранешни функционери.
Испраќањето на Груби во куќен притвор наместо во истражниот затвор „Шутка“ предизвика реакции во јавноста. Претставници на власта во изминатите денови потенцираа дека одлуката била во надлежност на Обвинителството и Судот, без политички влијанија.
Поранешниот вицепремиер се врати во земјава по 14 месеци отсуство, во рамки на истрага во која е осомничен за финансиски злоупотреби поврзани со Државната лотарија, предмет проценет на околу осум милиони евра. Обвинителството предложи ефективниот притвор да биде заменет со куќен притвор, што беше прифатено од судија на Кривичниот суд.
Од Јавното обвинителство претходно соопштија дека барањето за куќен притвор било засновано на службени белешки од МВР и АНБ, во кои се наведувало дека постои сериозна закана по безбедноста на Груби во затворски услови.
На ваквите тврдења реагираше директорот на истражниот затвор „Скопје“, кој изјави дека во установата може да се гарантира безбедноста на секој притвореник. Мицкоски, пак, одговори дека директорот нема пристап до доверливите информации со кои располагаат безбедносните служби.
Премиерот во интервјуто повторно користеше психолошки аналогии во своите критики кон политичките опоненти, повикувајќи се на теории на Зигмунд Фројд.






