MKinformer

your daily dose of news

„Safe City“ откри пропусти: Казни стигнуваат кај поранешни сопственици и лизинг компании

26/02/2026 21:25

Воведувањето на новиот систем за безбедност во сообраќајот „Safe City“ ги изнесе на површина слабостите во ажурирањето на личните податоци на возачите и сопствениците на возила. Основниот кривичен суд Скопје посочува дека веќе со првите казни евидентирани преку камерите се појавиле два сериозни предизвици.

Првиот проблем се однесува на граѓани кои ги продале своите возила, но не извршиле одјава во Министерството за внатрешни работи. Поради тоа, прекршочните налози регистрирани преку камерите стигнуваат на адресата на поранешниот сопственик, што создава дополнителни административни компликации.

Вториот предизвик се однесува на лизинг компаниите, кои поднесуваат голем број приговори за возила што се дадени на користење на трети лица. Во овие случаи, судот треба да утврди кој бил фактичкиот корисник на возилото во моментот на сторениот прекршок.

„Сите поднесени приговори се навремено заведени во судот и согласно Законот за прекршоци, во законски рок од осум дена се доставени до МВР за нивно произнесување“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.

Од судот додаваат дека јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за понатамошниот тек на постапките, како и за обврските што граѓаните треба да ги исполнат со цел да избегнат дополнителни судски процедури.

Системот „Safe City“ има цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да ја намали бројката на прекршоци, но истовремено отвори прашања за ажурноста на регистрите и за одговорноста на сопствениците при промена на сопственоста на возилата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!