MKinformer

your daily dose of news

Агенцијата за лични податоци нема гаранции за безбедност од злоупотреба на снимките од „Сејф Сити“

23/01/2026 17:17

По усвојувањето на законските измени со кои од 1 февруари започнува со работа системот „Сејф Сити“ и автоматското санкционирање на сообраќајни прекршоци, во јавноста се отворија сериозни дилеми околу заштитата на личните податоци и можноста за злоупотреба на снимките од движењето на граѓаните.

Порталите објавуваат одговор до Агенцијата за заштита на личните податоци на прашања:
Дали постои ризик од злоупотреба на снимките и базите на податоци што ќе содржат информации за мејл-адреси, телефонски броеви и регистарски таблици?
Како и кој ќе врши контрола врз системот и дали правната рамка е доволна?

По неколкудневно чекање, од Агенцијата одговориле дека токму таа институција е надлежна за контролата на системот „Сејф Сити“ во делот на заштитата на личните податоци, согласно Законот за заштита на личните податоци.

„Агенцијата спроведува супервизија како независна и системска контрола на законитоста на обработката и заштитата на личните податоци. Таа опфаќа редовни, вонредни и контролни супервизии, со цел да се утврди дали обработката се врши законито и дали се почитуваат правата на граѓаните“, соопштиле од Агенцијата.

Оттаму информираат дека во последниот период примиле повеќе иницијативи од граѓани, поради што е започната вонредна супервизија поради зголемените стравувања за можни злоупотреби.

„Агенцијата започна вонредна супервизија со фокус на усогласеноста на системот „Безбеден град“ со Законот за заштита на личните податоци. Постапката е во тек и јавноста ќе биде навремено информирана за исходот“, наведуваат од институцијата.

Системот „Сејф Сити“ е регулиран преку Законот за безбедност на сообраќајот, Законот за возила и измените на Законот за прекршоците. Од Агенцијата потврдуваат дека дале мислења и насоки за дел од прописите, но процесот на усогласување сè уште не е целосно завршен.

И покрај институционалните уверувања, во јавноста остануваат отворени прашањата за обемот на податоците што ќе се обработуваат, начинот на нивно чување, пристапот до снимките и ризикот од нивна злоупотреба, теми кои, според правниците и граѓанските организации, се клучни за заштита на приватноста и демократските права.

Собранието го изгласа Законот: „Безбеден град“ стартува од 1 февруари

error: Содржината е заштитена од копирање !!