Свлечиште ја затвори обиколницата околу Битола: Сообраќајот се пренасочува низ градот
26/02/2026 21:19
Поради појава на свлечиште, од 18:30 часот затворена за сообраќај е обиколницата околу Битола, информираа од ЈП „Македонијапат“.
Од јавното претпријатие соопштија дека сообраќајот се пренасочува низ градот Битола, додека екипите се на терен и работат на расчистување на свлечиштето.
„Екипите на ЈП ‘Македонијапат’ преземаат активности за нормализирање на сообраќајот“, стои во соопштението.
Надлежните апелираат до возачите на внимателност и почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и на алтернативните правци, сè до целосно расчистување на патот и повторно пуштање во употреба на обиколницата.
Засега нема информации за евентуални оштетувања или повредени лица.






