MKinformer

your daily dose of news

Трамп објави „голема и тековна“ воена операција против Иран: Заеднички удари со Израел

28/02/2026 14:40

Претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека САД и Израел започнале заедничка воена операција против Иран, во која се извршени напади врз повеќе цели низ земјата.

Во осумминутно видео објавено на неговата платформа Truth Social, Трамп изјави дека станува збор за „масивна и тековна“ кампања насочена кон иранските ракетни постројки и морнарицата.

„Ќе ги уништиме нивните ракети и ќе ја разурнеме нивната ракетна индустрија. Ќе ја уништиме нивната морнарица и ќе се погрижиме терористичките прокси-групи во регионот повеќе да не можат да ја дестабилизираат светската безбедност“, изјави Трамп.

Според американски официјален претставник, кој побарал анонимност, САД лансирале десетици крстосувачки ракети „Томахавк“ од воени бродови во регионот, а во операцијата учествувале и борбени авиони. Кампањата, како што било наведено, ќе трае „денови, а не часови“, што укажува на поширока и координирана акција.

Иран, пак, возвратил со ракетни напади во регионот, каде што САД имаат распоредено воени сили во повеќе бази.

Трамп наведе дека операцијата следи по, како што рече, обидите на Иран повторно да ја изгради својата нуклеарна програма и да продолжи со развој на ракети со долг дострел.

„Иран се обиде повторно да ја активира својата нуклеарна програма и да развива ракети кои можат да ги загрозат нашите сојузници во Европа, нашите војници во странство и наскоро и нашата татковина“, изјави американскиот претседател.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во посебна видео порака ја потврди заедничката операција, наведувајќи дека целта е „отстранување на егзистенцијалната закана што ја претставува режимот во Иран“.

Двајцата лидери упатија повик до иранскиот народ да ја искористи ситуацијата и да ги смени властите, додека Трамп им порача на припадниците на иранските вооружени сили да го положат оружјето.

Засега не е јасно колку долго ќе трае операцијата, ниту дали е можна деескалација и враќање на дипломатските разговори.

error: Содржината е заштитена од копирање !!