MKinformer

your daily dose of news

Брза реакција на МВР спречи трагедија со малолетник

02/03/2026 9:05

Секторот за компјутерски криминал при Министерство за внатрешни работи навремено интервенираше откако на социјалните мрежи беше забележана објава што укажувала на можност за самоповредување од страна на малолетен корисник.

Од МВР информираат дека полицијата веднаш ги презела сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето. Малолетникот за кратко време бил пронајден и според официјалните информации, е во добра здравствена состојба.

Родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори во насока на грижа за менталното здравје на детето.

Од Секторот за компјутерски криминал апелираат до родителите да одржуваат редовна комуникација со своите деца и да се интересираат за нивните активности во дигиталниот простор.

„Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите на социјалните мрежи. Потребна е навремена реакција при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување“, посочуваат од МВР.

Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи, доколку забележат содржини што укажуваат на сериозна емоционална состојба или ризично однесување, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.

Од МВР потенцираат дека навремената реакција може да спречи трагични последици и најавуваат засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор.

error: Содржината е заштитена од копирање !!