Путин: Русија може веднаш да го прекине гасот за Европа
05/03/2026 9:35
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија би можела веднаш да ги прекине испораките на гас за европскиот пазар кога на 25 април ќе стапи во сила уредбата на Европската Унија со која се забранува увоз на руски гас.
Во интервју за емисијата „Москва. Кремљ. Путин“, пренесено од агенцијата РИА Новости, Путин посочи дека Русија веќе разгледува можности за насочување на енергетските ресурси кон нови пазари.
„Сега се отвораат и други пазари. Можеби за нас би било поповолно веднаш да престанеме со снабдување на европскиот пазар и да се зацврстиме на новите пазари. Ќе ѝ наложам на владата да работи на ова прашање заедно со нашите компании“, изјави Путин.
Тој додаде дека Русија ќе продолжи да испорачува енергетски ресурси на земјите кои ги смета за сигурни партнери, меѓу кои ги спомена Словачка и Унгарија.
„Ќе соработуваме со партнерите кои се сигурни контрагенти, како што се оние во источна Европа. Ги снабдуваме со нафта и гас и имаме намера тоа да го правиме и во иднина“, истакна рускиот претседател.
Путин исто така оцени дека растот на цената на гасот на европскиот пазар не е директно поврзан со испораките од Русија, туку со состојбата на глобалните енергетски пазари и геополитичките тензии.
Според него, ситуацијата на Блискиот Исток, каде што се случуваат напади поврзани со САД, Израел и Иран, дополнително влијае врз нестабилноста на енергетските пазари.
„Никој не ги намалил испораките, но цените веќе скокнаа на 700 долари. Тоа е последица на глобалната состојба на пазарите на нафта и гас“, рече Путин.
Рускиот претседател оцени дека растот на цените на енергенсите во Европа е резултат на, како што рече, долгогодишна погрешна енергетска политика на европските власти.
Тој најави дека руската влада ќе работи со енергетските компании за проширување на снабдувањето кон нови и перспективни пазари за руски гас.






