MKinformer

your daily dose of news

Кривична пријава за две кумановки за злоупотреба на лични податоци

06/03/2026 10:49

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Д.И. (51) и М.Ќ. (66), двете од Куманово, поради сомнение дека сториле кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „несовесно работење во службата“.

Според информациите од полицијата, првопријавената Д.И. поднела барање до Основниот суд во Куманово за издавање потврда од Казнената евиденција за друго лице, без негова согласност, потпис или соодветно полномошно.

Во случајот е осомничена и М.Ќ., која во тој период работела како самостоен судски референт во приемната писарница на судот. Таа, според пријавата, со невнимание и небрежност го примила барањето без да побара документ за лична идентификација.

Поради тоа, барањето било заведено и процесуирано, по што била издадена потврдата од казнената евиденција.

Откако документот бил издаден, првопријавената го подигнала и го употребила против лицето на чие име била издадена потврдата.

Од СВР Куманово информираат дека против двете лица е поднесена соодветна кривична пријава и случајот е доставен до надлежното обвинителство за понатамошна постапка.

error: Содржината е заштитена од копирање !!