„Безбеден град“ и во Битола до крајот на 2026
10/03/2026 8:59
До крајот на 2026 година Битола ќе се приклучи на градовите во Македонија кои го воведоа системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци „Безбеден град“ (Safe City).
Овој систем веќе функционира во Скопје, Куманово и Тетово, а градоначалникот на Битола Тони Коњановски на прес-конференција потврди дека и Битола ќе го имплементира истиот модел. Изјавата ја даде во рамки на националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“ одржана во Скопје.
Според претходно изработената физибилити-студија на Општина Битола, планирано е поставување на околу 40 камери на триесетина клучни локации низ градот. Целта на проектот е зголемување на безбедноста во сообраќајот, подобра заштита на граѓаните и зачувување на јавните добра.
Иако студијата е изработена пред две години, системот сè уште не е инсталиран.
Во рамки на анализата се идентификувани повеќе важни точки за видео мониторинг, меѓу кои пешачки зони, основни и средни училишта, паркови, локации за одлагање комунален отпад, културни објекти, плоштадот и Широк Сокак, како и влезовите во градот и главните крстосници.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој ја посети Битола во јули 2025 година, изјави дека проектите на локалната самоуправа и државните институции треба да бидат координирани.
„Најважно е да се избегне дуплирање на инвестициите. Ако нашите проекти веќе опфаќаат одредени локации, локалната самоуправа може да ги користи како дополнување, а не како повторување на истото“, истакна Јанев.
Со имплементацијата на системот „Безбеден град“, се очекува значително подобрување на контролата во сообраќајот и намалување на прекршоците во Битола.





