MKinformer

your daily dose of news

Со Б категорија ќе можат да се возат мотоцикли до 125 кубици

31/03/2026 19:00

Пратеничката група на движењето ЗНАМ, со поддршка од коалициското мнозинство, поднесе предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Главната новина предвидена со предлог законот е овозможување на возачите со „Б“ категорија да управуваат мотоцикли од категоријата „А1“ под одредени услови.

Предлогот, доставен од пратеникот Павле Арсовски, има за цел да ги поттикне граѓаните да ги заменат автомобилите со мотоцикли за секојдневните потреби, што би требало да доведе до намалување на метежот, загадувањето и проблемите со паркирањето.

Кои услови треба да се исполнат?

Според предлогот на Арсовски, возачите ќе можат да управуваат мотоцикли со автоматски менувач до 125 кубика и јачина до 11 kW, доколку ги исполнуваат следниве критериуми:

  1. Да имаат наполнети 23 години возраст

  2. Да поседуваат возачка дозвола од „Б“ категорија најмалку 5 години

  3. Да поминат задолжителна 4 часовна теоретска обука за безбедност во автошкола

Важно е да се напомене дека ова право ќе важи исклучиво на територијата на Македонија, што е во согласност со европските регулативи кои дозволуваат вакви национални исклучоци.

Како ќе се спроведува обуката?

Со предложените законски измени се предвидува брза примена по усвојувањето:

  • Автошколите ќе бидат задолжени да издаваат потврда по завршените 4 часа теоретска обука и да го известуваат МВР

  • Министерот за внатрешни работи треба да ја пропише содржината на обуката и изгледот на потврдата во рок од 15 дена од стапувањето на сила на законот

Што се очекува со новата мерка?

Арсовски истакна дека основната цел на предлог-законот е да се мотивираат граѓаните да ги заменат автомобилите со мотоцикли за секојдневните потреби. Од ова се очекува:

  • Намалување на сообраќајниот метеж во градовите

  • Помало загадување на амбиенталниот воздух

  • Полесно наоѓање паркинг простор

Со оглед на тоа што сообраќајните гужви и загадувањето на воздухот се едни од најголемите проблеми во урбаните средини, оваа мерка би можела да биде чекор кон пофлексибилна и поеколошка мобилност.

Арсовски: Пратеничката група останува обединета

На крајот од прес-конференцијата, Арсовски кратко одговори и на новинарско прашање за внатрешните состојби во партијата. Тој нагласи дека пратеничката група на ЗНАМ останува обединета и компактна, без дополнително да влегува во детали.
Предлог измените сега треба да поминат низ собраниска процедура, а доколку бидат усвоени, возачите со Б категорија би можеле да добијат ново возачко право кое досега за нив не беше достапно.

One thought on “Со Б категорија ќе можат да се возат мотоцикли до 125 кубици

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!