Уапсени тројцата напаѓачи од гробиштата во Бутел
08/04/2026 9:52
Приведени тројцата напаѓачи од гробиштата во Бутел – употребиле гасен пиштол, боксер и нож
Полицијата ги уапси А.М. (48) и неговите два сина Ј.М. (26) и Б.М. (27). Тие ги нападнале вработените во АД „Бутел“ откако ги препознале како сторители на тешки кражби и им рекле дека ќе викнат полиција.
Напад со ладно оружје и гасен пиштол
Трите лица кои вчера на гробиштата во Бутел нападнаа и повредија двајца вработени во АД „Бутел“ се уапсени, известија утрово од полицијата.
На 07.04.2026 година, во 13:40 и во 19:10 часот, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.М. (48) и неговите синови Ј.М. (26) и Б.М. (27), сите од Скопје.
Според соопштението од МВР, тие се сомничат дека околу 12:40 часот во близина на гробиштата Бутел ги нападнале Е.Д. (51) и М.Д. (54), вработени во АД „Бутел“, при што употребиле оружје – гасен пиштол и ладно оружје (боксер и нож).
Препознале крадци, па биле нападнати
Е.Д. и М.Д. се здобиле со телесни повреди, констатирани во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“.
Според пријавеното, вработените ги забележале лицата во близина на едно гробно место. Бидејќи од претходно им биле познати како извршители на кривични дела „тешки кражби“, ги предупредиле дека ќе повикаат полиција, по што биле нападнати, појаснуваат од полицијата.
Следува пријава
Тројцата се приведени и задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.



![Со нож краделе пари од деца во Градскиот парк apsenje-uck-1[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/apsenje-uck-11.jpg)


