ФБИ трага доведе до Тетово: Уапсени двајца за „OLVX“
28/04/2026 10:08
Во координирана меѓународна акција, Министерството за внатрешни работи преку Секторот за компјутерски криминал, постапувајќи по првични сознанија добиени од Федералното истражно биро на САД (ФБИ), разби нелегален онлајн пазар познат како „OLVX“. Во акцијата, спроведена во тетовско Голема Речица, биле приведени две лица осомничени дека биле администратори на платформата.
Според информациите, „OLVX“ бил активен од јули 2023 година и функционирал преку повеќе интернет домени. Истражните органи утврдиле дека платформата содржела детална база со компромитирани лични податоци, поврзани со регистрација на кориснички и продавачки сметки.
Во системот биле регистрирани над 2.600 кориснички профили и повеќе од 1.500 сметки на продавачи, додека вкупната вредност на понудените артикли надминувала 500.000 американски долари.
По наредба на Основниот суд во Тетово, бил извршен претрес во село Голема Речица кај осомничените А.Е. (20) и А.И. (23), двајцата македонски државјани.
Од МВР соопштија дека осомничените биле затекнати на лице место при извршување дејствија поврзани со кривичното дело за кое се товарат, по што веднаш биле лишени од слобода.
Во рамки на претресот, полицијата одзела десктоп компјутери, лаптопи и мобилни телефони. Овие уреди ќе бидат предмет на дополнителна форензичка обработка и ќе се користат како доказен материјал во натамошната постапка.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека истрагата продолжува, со цел целосно расчистување на случајот, откривање на сите инволвирани лица и обезбедување нови докази согласно законските процедури.





