MKinformer

your daily dose of news

Се одбележуваат 154 години од раѓањето на Гоце Делчев – централно чествување кај „Св. Спас“ во Скопје

04/02/2026 10:50

Во земјава денеска се одбележуваат 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Централното чествување по повод годишнината, традиционално ќе се одржи во дворот на црквата Свети Спас во Скопје, каде што се наоѓаат неговите посмртни останки. Според најавите, цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собрание на Република Северна Македонија, претставници на Град Скопје, како и делегации на институции, политички партии и граѓански здруженија.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија, а како учител работел во Штип. Како член на Централниот комитет на ТМОРО, тој активно учествувал во создавањето мрежа на комитети и револуционерни чети низ Македонија.

Делчев учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година, а до 1901 година бил задграничен претставник на Организацијата во Софија. Загинал на 4 мај 1903 година, кога бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Неговите посмртни останки од 1946 година се наоѓаат во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје, каде што и денеска се одржува централното државно чествување во негова чест.

error: Содржината е заштитена од копирање !!