MKinformer

your daily dose of news

Средношколец од Прилеп три години се претставувал како наставник и добил пристап до е-дневникот

10/05/2026 9:47

Ученик во средно училиште во Прилеп лажно се претставувал како наставник по англиски јазик од Виница и на тој начин добил пристап до системот за е-дневник, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од МВР информираат дека ОВР Прилеп поднело известување против ученикот поради сомнение за кривично дело компјутерски фалсификат.

Според полицијата, тој креирал лажен профил и стапил во контакт со вработена во Министерството за образование и наука. Се претставил како наставник по англиски јазик од основно училиште во Виница.

Вработената, како што наведува МВР, му укажала дека комуникацијата со наставници не треба да се води преку социјални мрежи. Потоа му креирала официјална електронска адреса од Министерството за образование.

Според пријавата, му биле доделени и лозинки за е-дневник како администратор од нејзината корисничка сметка. Дополнително, му било кажано да ги координира наставниците.

Од полицијата велат дека на овој начин ученикот имал пристап до податоци од сите професори на ниво на државата. Тој, според сомнежите, им помагал и ги координирал во водењето на електронскиот дневник.

Случајот траел во подолг период. Според МВР, пристапот го користел од 2022 година до ноември 2025 година.

Кога поранешната в.д. директорка го известила дека една професорка пријавила бришење податоци од електронскиот дневник во училиштето, тој ги избришал сите профили и акаунти од лажниот профил на социјалните мрежи.

Подоцна бил избришан и профилот од службениот мејл од МОН, наведуваат од МВР.

error: Содржината е заштитена од копирање !!