MKinformer

your daily dose of news

Лукаревска: Владата нема одговор за инфлацијата, една шопска чини колку кило месо

12/05/2026 12:52

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во емисијата „24 Анализа“ оцени дека економските политики на Владата не даваат резултати, а граѓаните секојдневно се соочуваат со повисоки цени, пад на животниот стандард и раст на сиромаштијата.

Таа посочи дека поскапувањата траат подолг период и дека дел од производите бележат драстичен раст на цените.

„Постојано цените растат и пред да биде криза и сега кога сме во криза. Некои производи двократно, трократно, десеткратно се поскапени. Денес да направите една шопска салата, што некогаш била евтина опција, сега чини како порано што чинеше кило месо“, рече Лукаревска.

СДСМ обвинува дека нема мерки за заштита на стандардот

Според Лукаревска, Владата нема таргетирани мерки за заштита на граѓаните. Таа нагласи дека четирите предлози на СДСМ за помош на населението не биле прифатени.

Осврнувајќи се на инфлацијата, Лукаревска рече дека состојбата оди во полоша насока.

„Инфлацијата за април е 5,7 проценти во однос на лани април, а во март била 4,9 проценти. Мора да се справиме со соодветна стратегија во делот на галопирачката инфлација“, изјави таа.

„Граѓаните не го чувствуваат растот на БДП“

Лукаревска ја критикуваше и тезата на власта дека земјата е меѓу најбрзо растечките економии според БДП.

Според неа, граѓаните не го чувствуваат тој раст во секојдневниот живот, бидејќи цените на храната и другите трошоци постојано растат.

„Нема простор веќе оваа власт да прави од СДСМ алиби. А, онаа теза на власта дека сме трета економија во светот по раст на БДП, треба да ги прашаме граѓаните дали го чувствуваат тој бенефит“, рече Лукаревска.

Таа додаде дека, според неа, ниту еден економски показател не ја потврдува таа слика. Како проблеми ги наведе падот на странските инвестиции, слабата реализација на капиталните инвестиции и растот на сиромаштијата.

Потсетување на минималната плата и новите задолжувања

Лукаревска истакна дека минималната плата во 2017 година изнесувала 9.000 денари, а во 2024 година, како што рече, била зголемена на 22.567 денари во време на СДСМ.

Воедно, предупреди дека државата влегува во нов циклус на задолжување.

„950 милиони евра преку еврообврзница, 350 милиони евра задолжување од други странски извори и 400 милиони евра задолжување на домашен пазар“, посочи таа.

Обвинување и за буџетскиот дефицит

Пратеничката на СДСМ рече дека се прекршени и фискалните правила. Според неа, буџетскиот дефицит веќе достигнал 5,3 проценти.

„Скоро две третини од предвидениот буџетски дефицит е потрошен. Ни остануваат повеќе од 200 милиони евра за трошење, а веќе сме месец мај, значи не сме ни на половина од годината“, нагласи Лукаревска.

error: Содржината е заштитена од копирање !!