Спречено нарачано убиство во Скопје: уапсени двајца Срби и еден Македонец
12/05/2026 11:57
Тројца осомничени, меѓу кои двајца српски државјани и еден македонски државјанин, се уапсени во полициска акција во Скопје под сомнение дека подготвувале нарачано убиство.
Според информациите, српскиот државјанин С.М. (42) се смета за главен осомничен во подготовката на ликвидацијата. Тој бил лоциран и приведен во заедничка координирана акција на македонската и српската полиција.
Од српската полиција соопштуваат дека неговото откривање е резултат на подолготрајна оперативна размена на информации меѓу Службата за сузбивање на криминалот на Србија и македонското Министерство за внатрешни работи.
Осомничениот бил пронајден во засолниште во Скопје. При полициската рација биле откриени оружје и тактичка опрема.
Меѓу запленетите предмети имало пиштол „CZ“, воен нож и црна тактичка униформа. Истрагата покажала и дека С.М. нелегално ја преминал границата.
Кај него, според информациите, била пронајдена и српска лична карта на друго лице, која ја користел како лажен идентитет.
Од македонската полиција велат дека дојавата за случајот дошла од Агенцијата за национална безбедност, а акцијата ја водел обвинител од Обвинителството за организиран криминал.
„По добиени судски наредби извршени се претреси на неколку локации во Скопје, при што се пронајдени дрога, пари и мобилни телефони, а лишени се од слобода три лица, од кои двајца српски државјани и еден македонски државјанин. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопштуваат од МВР.
Оперативните информации упатуваат дека станува збор за организирана криминална група која во Скопје имала конкретна задача да изврши ликвидација.
Истражните органи работат на утврдување на можната цел на нападот, како и на лицата кои евентуално им дале логистичка поддршка на осомничените за време на нивниот престој во Македонија.





