Денеска се празнува Атанасовден, Свети Атанасиј Велики столбот на православието
15/05/2026 8:08
Православните верници денеска го одбележуваат преносот на моштите и чудата на Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски.
Во народот празникот е познат како Атанасовден. Свети Атанасиј се празнува двапати во годината. Едниот ден е 15 мај, кога се одбележува неговото упокојување. Вториот е 31 јануари, кога црквата заеднички ги споменува Свети Атанасиј Велики и Свети Кирил Александриски.
Свети Атанасиј е роден во Александрија во 296 година. Уште од младоста бил насочен кон духовниот живот и црковната служба.
Како ѓакон му служел на архиепископот Александар. Заедно со него присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја. Токму таму се истакнал со својата ученост, ревност и цврста одбрана на православната вера.
Тој имал голема улога во борбата против Ариевата ерес. Дал силен придонес во утврдувањето на православното учење и во формулирањето на Симболот на верата, кој бил усвоен на Соборот.
По смртта на архиепископот Александар, Свети Атанасиј бил избран за архиепископ Александриски. На оваа должност останал повеќе од четири децении, но неговата служба била исполнета со прогонства, клевети и страдања.
Низ целиот живот бил гонет од еретици и од моќни владетели. Меѓу неговите најсилни противници биле царевите Констанциј, Јулијан и Валент, како и Ариј и неговите следбеници.
Поради прогоните, често бил принуден да се крие. Престојувал во пустини, гробници, бунари и во домови на верници. На двапати заминувал и во Рим.
И покрај сите страдања, останал цврст во верата и во борбата за вистината. Поддршка и духовна сила често добивал од Свети Антониј Велики, кого го почитувал како духовен отец.
Свети Атанасиј Велики се упокоил во 373 година. Во црковната традиција останува запаметен како еден од најголемите бранители на православието.






