MKinformer

your daily dose of news

Си Џинпинг: Посетата на Трамп помогна да се зајакнат довербата и разбирањето меѓу Кина и САД

15/05/2026 9:27

Кинескиот претседател Си Џинпинг оцени дека посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Пекинг придонела за подобрување на меѓусебното разбирање и доверба меѓу Кина и САД. Според кинеските државни медиуми, Си ја нарекол посетата „историска“. И порача дека двете страни поставиле нова визија за конструктивни односи со стратешка стабилност.

Си изјавил дека за време на разговорите биле постигнати важни заеднички согласувања за одржување стабилни економски и трговски врски. За проширување на практичната соработка и за подобра координација по меѓународни и регионални прашања. Во таа насока, тој повикал Пекинг и Вашингтон да го зачуваат, како што рекол, „тешко постигнатиот позитивен моментум“ во билатералните односи.

Порака за стабилност и комуникација

Кинескиот лидер нагласил дека мирниот соживот и заемно корисната соработка меѓу Кина и САД, врз основа на заемна почит, се во интерес и на двата народа и на меѓународната заедница. Според Си, посетата помогнала да се продлабочи довербата и да се подобри комуникацијата меѓу двете страни.

Западните агенции јавија дека и покрај позитивниот тон. Во разговорите останале отворени и чувствителни теми, како Тајван, трговијата, Иран и безбедноста во Азија. Ројтерс објави дека Си го предупредил Трамп дека погрешно управување со прашањето за Тајван може да ги турне односите во „опасна“ насока.

Што се случуваше за време на посетата

Посетата на Трамп на Кина траеше од 13 до 15 мај. Во Пекинг му беше приреден свечен пречек, а Си организираше и банкет во негова чест. Двајцата лидери разговараа во Големата сала на народот, а потоа имаа и ограничена средба во Џонгнанхај, комплексот каде се наоѓа кинеското државно и партиско раководство. Ројтерс објави и дека Си му приредил на Трамп ретка прошетка низ внатрешните градини на Џонгнанхај, што се смета за силен симболичен гест.

Во американската делегација беа и високи претставници на администрацијата, како и дел од најпознатите американски бизнисмени. АП објави дека темите на разговорите опфатиле трговија, Иран, Тајван и пристапот на американските компании до кинескиот пазар.

Посетата со силна политичка порака

Ова беше прва посета на актуелен американски претседател на Кина по речиси девет години. Последната таква посета беше во 2017 година, кога Трамп исто така беше во Пекинг за време на неговиот прв мандат. Иако од посетата не произлезе еден голем сеопфатен договор. И кинеската и американската страна ја претставија како чекор кон стабилизирање на односите меѓу двете најголеми светски сили.

error: Содржината е заштитена од копирање !!