MKinformer

your daily dose of news

Со новиот закон за игри на среќа се става ред, Македонија не ѐ Лас Вегас

17/05/2026 13:06

Мицкоски: Со новиот закон за игри на среќа се става ред, Македонија не е Лас Вегас

Државата наликувала на Лас Вегас

Премиерот Христијан Мицкоски во врска со новиот закон за игри на среќа рече дека се става ред и дисциплина и дека не може државата да наликува на Лас Вегас.

„Имаме чувство дека државата полека но сигурно наликуваше на Лас Вегас. Буквално на секој чекор гледавме дуќани во кои со силни светлечки реклами се рекламира овој тип на среќа. Како правило, до нив веднаш имате канцеларија за брзи кредити, па веднаш до нив имате заложувалница. Тоа е систем којшто мораме да го регулираме“, изјави Мицкоски од Виница.

Причина за семејни несреќи

Премиерот истакна дека овој систем е причина за многу семејни и човечки несреќи.

„Со овој закон се регулира оваа дејност. Повеќе нема да има такви реклами кои привлекуваат внимание. Во некои места цели маала имаа по неколку казина“, додаде тој.

Свесни за фискалниот ефект

Мицкоски призна дека се свесни за последиците, можеби и за фискалниот ефект, но нагласи дека мора да се стави ред.

„Ние цениме дека со овој закон мора да се стави ред и дисциплина во игрите на среќа и дека не може државата да наликува на Лас Вегас“, порача премиерот.

Одговор до Асоцијацијата на игри на среќа

Премиерот не се согласува со констатациите на Асоцијацијата на игри на среќа дека законот е донесен нетранспарентно.

„Не би се согласил со оваа констатација. Мислам дека законот беше донесен ултратранспарентно. Беа повикани буквално сите засегнати страни да учествуваат во неговата изработка“, рече Мицкоски.

10.000 луѓе без работа ако помине законот за игри на среќа

error: Содржината е заштитена од копирање !!