10.000 луѓе без работа ако помине законот за игри на среќа
14/05/2026 11:16
АСОМ: Итно стопирање на законот за игри на среќа – 10.000 луѓе остануваат без работа преку ноќ
Најостра реакција од асоцијацијата на обложувалници
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагираше на Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри и бара истиот веднаш да се стопира и да не се проследува до Собранието.
Од АСОМ тврдат дека донесувањето на ваков закон е обид за затворање на легалните приредувачи, монополизација на гранката од страна на власта и отворање на нелегалното обложување по примерот на Албанија.
Без ЕНЕР и без консултации
Асоцијацијата изрази шок од нетранспарентноста со која се турка законот.
„Без објава на ЕНЕР и без консултација со нас како легитимни претставници на 95% од пазарот, на 12 мај 2026 година Владата едноставно го усвои новиот предлог-закон на владина седница“ – велат од АСОМ.
Овој, како што го нарекуваат, „шверцерски пристап“ докажува дека целта не е суштинска регулација, туку насилно протнување на закон со скриена агенда.
10.000 директни работни места во прашање
Според АСОМ, со овој предлог-закон се:
-
Затвораат над 10.000 директни работни места
-
Загрозени повеќе од 50.000 индиректни работни места во индустрии поврзани со игрите на среќа
-
Државниот буџет губи повеќе од 280 милиони евра годишно
Страв од албанското сценарио
АСОМ предупредува дека уривањето на легалната индустрија значи отворање на вратата за нелегалното обложување.
„Во Албанија за кратко време се отворија многу нелегални објекти, порасна криминалот, а играчите се ставија во ризик. Дали ова го сака државата?“ – прашуваат од асоцијацијата.
Наместо заштита, граѓаните ќе бидат турнати во рацете на криминалното подземје, а малолетниците ќе бидат најизложени на ризик.
Монопол на државата врз интернет обложувањето
АСОМ остро се спротивставува на одредбата со која исклучиво право за приредување игри на среќа преку интернет ѝ се доделува на државата.
„Интернет обложувањето не се спречува, туку сега ќе си го контролира само Владата и нивните претставници, на сметка на приватниот сектор“ – велат од Асоцијацијата.
Закана од масовни протести
АСОМ најавува дека нема да дозволи вакво уништување на легалната индустрија.
„Не исклучуваме и масовни протести ако Владата не покаже слух и не го повлече законот“ – порачуваат од асоцијацијата.
Повикуваат на заедничка маса за донесување функционален и европски закон.
Шест клучни прашања до Владата
На крајот од соопштението, АСОМ поставува шест директни прашања:
-
Дали целта е да се отвори пат за нелегалниот бизнис?
-
Дали целта е да се монополизира индустријата од страна на поединци во Владата?
-
Дали Владата знае дека законот нема да ги заштити граѓаните?
-
Зошто државата не учи од примерите во Албанија?
-
Кој има интерес од ваквиот закон?
-
Зошто се повторуваат рестриктивните практики кои никаде во светот не се покажале како успешни?






