Жителите на Капиштец утре на мирен протест против бучавата од локалите
10/06/2026 12:07
Жителите на Капиштец за утре, 11 јуни, во 19 часот најавија мирен протест против бучавата во Капиштец. Собирот ќе се одржи кај кошаркарското игралиште во паркот Капиштец.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, која преку социјалните мрежи ги повика жителите да се приклучат и јавно да го изразат незадоволството од, како што велат, долгогодишниот проблем со прекумерната бучава и недоволната реакција на институциите.
Во повикот до граѓаните, организаторите порачуваат: „Доста ни е од бучавата, време е да се слушне и нашиот глас“. Тие велат дека целта не е конфликт, туку барање за доследно почитување на законите и заштита на јавниот ред и мир.
Жителите бараат редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и посилна реакција од надлежните институции. Според нив, потребна е мирна и безбедна средина за живот, особено за децата и семејствата што живеат во населбата.
Од иницијативата велат дека проблемот со бучавата трае со години и е најизразен во вечерните и ноќните часови. Посочуваат дека не бараат привилегии, туку законите да важат подеднакво за сите.
Капиштец и претходно беше во фокусот на јавноста поради реакции на жителите за условите за живот во населбата. Според достапните објави, граѓанската група „За пристоен Капиштец“ и претходно покренувала иницијативи за локални проблеми што ги засегаат жителите.






