MKinformer

your daily dose of news

Жителите на Тромеѓа се организираат: Нема да дозволиме затворање на училиштето

01/06/2026 23:58

Жителите на Тромеѓа излегуваат на протест: „Нема да дозволиме да се затвори училиштето со повеќе од 100 години традиција“

Жителите на Тромеѓа, едно од поголемите македонски села во југоисточниот регион, се организираат на протест за зачувување на основното училиште во селото кое е старо повеќе од 100 години. Под, како што велат, чудни и необјаснети околности, Општина Куманово и Министерството за образование сакаат да затворат училиште во живо село.

Повик за протест

Од селото Тромеѓа упатија повик до сите родители, жители и поддржувачи на руралниот развој да се приклучат на протестот закажан за вторник, 02.06.2026 година, во 16:30 часот.

Во повикот се наведува:

„НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА СЕ ЗАТВОРИ УЧИЛИШТЕ СО ПОВЕЌЕ ОД 100 ГОДИНИ ТРАДИЦИЈА! Основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во Тромеѓа повеќе од еден век ги образува децата од нашиот крај. Денес, наместо да се вложува во негов развој и опстанок, се прават обиди тоа да биде затворено.“

Што стои зад предлогот за затворање?

Како причина за затворање на училиштето, според жителите, се наведува малиот број на ученици, околу 12 деца во новата генерација и околу 60 ученици во целото училиште.

Тие, сепак, поставуваат прашање:

„Дали некој се прашува како дојдовме до оваа состојба? Со години, наместо децата да се запишуваат во училиштето во своето место на живеење, голем дел се запишуваат во градските училишта. Наместо да се зајакнува руралната средина, се носат политики кои придонесуваат за нејзино слабеење.“

Предност на училиштето во Тромеѓа, можен превоз од Пуковско

Жителите потсетуваат дека до скоро децата од населбата Пуковско (Пузаљка) учеле во Тромеѓа. Тие сметаат дека и денес училиштето во Тромеѓа е поблиску и побезбедно за голем дел од жителите на Пуковско, со:

  • голем училишен двор

  • игралиште

  • мирна средина

  • подобри услови за престој на децата

„Наместо да се искористат овие предности и да се зачува училиштето, се предлага префрлање на учениците во Пуковско. Ако ќе се организира превоз за учениците, дали навистина тоа е поисплатливо од одржување на наставата? Или зад оваа одлука стојат други интереси?“

Училиштето, срцето на селото

Во повикот се истакнува дека училиштето не е само зграда:

„Тоа е срцето на селото. Кога ќе се затвори училиштето, се губи уште една причина младите семејства да останат да живеат тука.“

Прашања до надлежните

Жителите на Тромеѓа бараат јасни одговори на неколку прашања:

  • Зошто се затвора училиште старо повеќе од 100 години?

  • Зошто не се бараат решенија за зголемување на бројот на ученици?

  • Зошто не се разгледува можноста деца од Пуковско да учат во Тромеѓа?

  • Кој ќе ја преземе одговорноста за последиците од оваа одлука?

„Без училиште нема иднина. Без деца нема живот во селото. Да ја зачуваме Тромеѓа, да го зачуваме училиштето и иднината на нашите деца!“

One thought on “Жителите на Тромеѓа се организираат: Нема да дозволиме затворање на училиштето

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!