Денеска во Собранието интерпелација за Тошковски
24/06/2026 8:08
Собранието денеска расправа за интерпелација за работата на министерот Тошковски
Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 106-тата седница на чиј дневен ред е интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратениците на ПП „Левица“. Поднесувачите на интерпелацијата се Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил и Сашко Јанчев.
Обвинувања за „партиска полиција“ и политички реваншизам
Пратениците од „Левица“ го обвинуваат министерот Тошковски за низа неправилности, меѓу кои креирање на „приватна партиска полиција заради владино прикривање и таргетиран политички реваншизам кон опозицијата“. Исто така, го товарат и за командна одговорност за полициските пропусти кои довеле до трагедијата во Кочани.
Обвинувања за незаконити постапки и двојни стандарди
Во интерпелацијата се наведува и незаконит претрес кај директорка на училиште во Демир Хисар, како и непостапување на македонската полиција во случаи на семејно, врсничко и родово базирано насилство и говор на омраза. Министерот се обвинува и за непрофесионални „двојни стандарди“ при постапувањето на полицијата со различно однесување за исти или слични случаи, проследено со злоупотреба на овластувањата при употреба на сила.
“Јавноста е сведок на низа контроверзии поврзани со селективно постапување на полицијата, непостапување по пријави за организиран криминал и урбана мафија, политички мотивирани акции, прекумерна употреба на полициско овластување, безбедносни пропусти, неефикасност во спречување и расчистување на тешки кривични дела, сомнежи за привилегиран третман на високи функционери, нарушување на човековите права и слободата на изразување, како и сериозни институционални слабости во справувањето со корупцијата и организираниот криминал”, велат предлагачите.
Обвинувања за судир на интереси и саботирање на постапки
Министерот се товари и за судир на интереси и бизнис шеми како поранешен адвокат на урбаната мафија, како и за саботирање на постапките и злонамерна несоработка со ОЈО ГОКК со цел заштита на политички моќници и коалициски партнери на власта. Пратениците му забележуваат и неказнет криминал на белите јаки и запрена постапка за милионскиот криминал со канцероген мазут.






One thought on “Денеска во Собранието интерпелација за Тошковски”
Comments are closed.