Опозицијата не успеа да го смени Тошковски
24/06/2026 17:28
Собранието ја отфрли интерпелацијата за работата на министерот Тошковски
Собранието на Република Северна Македонија не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратениците на ПП „Левица“. По завршениот претрес, 77 пратеници гласаа, од кои 58 беа против, а 19 за прифаќање на интерпелацијата.
Мециновиќ: Македонија е небезбедна држава
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, сумирајќи ја интерпелацијата оцени дека Македонија е небезбедна држава поради работењето на МВР.
“Вистината е дека општата ситуација во Македонија не е таму каде што треба да е. Македонија е небезбедна држава поради нејзиното Министерство за внатрешни работи кое не прави структурални промени да ја обезбеди таа безбедност. Македонија е држава во која нормални активности може да имаат поголеми последици затоа што апаратот за обезбедување на граѓаните не функционира како што треба, бидејќи се гледа како апарат за полнење на политички кадри”, рече тој.
Тошковски: Ќе дадам максимум од себе
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во реплика истакна дека ќе даде се од себе за подобрување на состојбите.
“Ќе дадам сѐ од себе додека сум на оваа позиција во секој сегмент барем една работа да е поодобра, македонските граѓани го гледаат тоа и го знаат. Нема никогаш да лажам и ќе се трудам да дадам максимум од себе си, дали тоа ќе биде доволно ќе каже времето”, порача министерот.
Опозицијата бараше оставка, власта посочи на резултати
Во текот на расправата, опозицијата тврдеше дека има скандали, пропусти и нула одговорност и побара оставка од Тошковски. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека министерот има конкретни резултати, зголемена ефикасност и сузбиени криминални групи, оценувајќи дека не треба да се бара смена за министер кој се труди и има резултати.






