MKinformer

your daily dose of news

Професорка од Медицинскиот факултет во Штип приведена за поткуп од студент

30/06/2026 17:24

Триесет и деветгодишна професорка од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е лишена од слобода под сомнение дека побарала и примила поткуп од студент за да му овозможи да положи испит.

Според информациите, акцијата била спроведена од СВР Штип во координација со Основното јавно обвинителство.

Професорката била пријавена од турски студент по медицина, кој тврдел дека од него биле побарани 300 евра мито за да положи испит што требало да се одржи вчера.

УГД: Имаме нулта толеранција за корупција

По приведувањето, со реакција се огласи и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Од Универзитетот истакнаа дека имаат нулта толеранција кон корупцијата и ги охрабрија студентите и сите лица со сознанија за незаконски дејствија да пријавуваат.

„Како Универзитет имаме нулта толеранција за корупција. За жал, ниту еден систем не е целосно имун на поединци кои се подготвени да го прекршат законот и да ја злоупотребат довербата што им е укажана. Целосно ги поддржуваме надлежните институции во борбата против корупцијата“, се наведува во реакцијата на УГД.

Повик за пријавување корупција

Од УГД порачаа дека сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија не треба да молчат.

„Ги охрабруваме сите ваквите сознанија директно да ги пријавуваат или низ нашиот систем за заштитено пријавување или до надлежните институции“, додаваат од Универзитетот.

Според информациите на 24, професорката е новоизбран доцент од јануари годинава на Катедрата за физикална медицина при УГД.

Во последните неколку години ова е прв ваков случај на корупција на штипскиот универзитет.

error: Содржината е заштитена од копирање !!