Се одлага извршувањето на затворската казна за Јакимовски, медицинската документација оценета како издржана
30/06/2026 13:28
Извршувањето на затворската казна за поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, се одлага, откако медицинската документација што ја поднел била оценета како издржана.
Јакимовски на 2 јули требаше да влезе во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, но побарал одложување на издржувањето на казната поради здравствени причини.
Од Кривичниот суд претходно информираа дека влегувањето во затвор се одложува додека не се донесе одлука по неговото барање.
Медицинската документација била предмет на проверка
Судијата за извршување санкции, по приемот на барањето, пристапил кон проверка на приложената медицинска документација.
Од Судот претходно соопштија дека до двете приватни здравствени установи кои ја издале документацијата биле поднесени барања за проверка на 15.06.2026 година, како и ургенција на 26.06.2026 година.
По проверката, медицинската документација била оценета како издржана, поради што извршувањето на казната засега се одлага.
Правосилно осуден на една година затвор
Неодамна од Кривичниот суд информираа дека, со пресуда на Апелација, поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, правосилно е осуден на една година затвор за случајот поврзан со изградбата на општинската зграда.
Сепак, тоа не значи дека Јакимовски треба да помине цела година зад решетки.
Во казната му се засметува времето од пет месеци што го поминал во притвор. Според тоа, останува да издржи уште седум месеци од казната.






