MKinformer

your daily dose of news

Јакимовски до д-р Лазаров: Ти си морално-етичка нула во бел мантил, со болеста се борам од 2012 година, а моето медицинско досие може лесно да се провери

01/07/2026 20:03

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, излезе со остра реакција по коментарите во јавноста за неговата здравствена состојба и медицинската документација што ја поднел во постапката за одложување на извршувањето на затворската казна.

Јакимовски реагира на изјави и коментари на докторот Ненад Лазаров, за кого вели дека се нафрлил врз лекарите кои стојат зад неговото медицинско досие.

„Не ми е јасно како оваа морално-етичка нула носи бел мантил и ги блати своите колеги и зборува за платени дијагнози“, наведува Јакимовски во реакцијата.

„Со болеста се борам од 2012 година“

Јакимовски во реакцијата наведува дека со здравствените проблеми се соочува од 2012 година, кога ја имал првата операција.

Тој посочува дека во изминатите години бил лекуван и опериран во повеќе здравствени установи, меѓу кои „Ре-Медика“, „Систина“ и здравствени установи во странство.

„Белким толку разбира дека моето медицинско досие во ‘Ре-Медика’, ‘Систина’ и Виена судот и обвинителството можат во кое било време да го побараат и добијат. Во дијагностицирањето и лекувањето учествувале повеќе од 30 патолози, рендгенолози и хирурзи од земјава и странство“, пишува Јакимовски.

Тој додава дека никогаш не се повикувал на болеста за да го одложува, како што вели, осумгодишното судско патешествие.

„Не сум одложил судење поради болеста“

Јакимовски тврди дека и покрај здравствените проблеми, не ја користел болеста како причина за одложување на судските процеси.

„Никогаш не сум се повикувал на мојата болест за осумгодишното судско патешествие и докажување правда, за кривични дела кои не сум ги сторил, и не сум одложил судење“, наведува тој.

Според него, граѓаните на Карпош во периодот додека бил градоначалник не почувствувале дека тој има здравствени проблеми.

Јакимовски потсетува дека од 2012 до 2017 година, во периодот по првата операција, добил повеќе меѓународни признанија, меѓу кои и наградата „Нај градоначалник“ во Југоисточна Европа.

Предлага независна проверка на медицинската документација

Во реакцијата Јакимовски предлага да се направи независна медицинска проверка на неговото досие.

Тој предлага да биде избран конзилиум од тројца уролози од која било земја, на кои би им била доставена неговата медицинска документација, заедно со снимки од операции и цистоскопии, како и патолошки примероци.

„Да утврдат дали се работи за карцином и кој тип“, наведува Јакимовски.

Во исто време, тој предлага да се изберат тројца невролози кои би ги провериле медицинските наоди на актуелниот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски, за да се утврди, како што вели, дали навистина имал здравствена причина за отсуство од работа или станува збор за лажно боледување.

Обвинувања за политички притисоци и ПР-трикови

Јакимовски во реакцијата упатува и политички обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека неговиот случај се користи за евтини партиски ПР-ефекти.

Тој тврди дека пресудата била „напишана во Белата палата“ и дека упатот за затвор му бил доставен шест дена пред да ја добие пресудата.

„Зошто сте брзале? Зошто го одбравте 2 јули да одам во затвор? Заради евтини ПР вмровски трикчиња“, пишува Јакимовски.

Во завршницата од реакцијата, Јакимовски повторно го поврзува својот случај со враќањето на Лукровски на работа во Општина Карпош.

„Значи болниот Сотир се врати на работа, а здравиот Стевче симулира болен. Евтини ПР вмровски трикчиња“, наведува Јакимовски во реакцијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!