MKinformer

your daily dose of news

Бафет: Луѓето повеќе се коцкаат отколку што вложуваат

16/07/2026 15:00

Бафет предупредува дека шпекулациите ја потиснуваат вистинската инвестиција

Еден од најуспешните инвеститори во светот, Ворен Бафет, смета дека денешните финансиски пазари сè повеќе се претвораат во место за шпекулации, што значително го отежнува пронаоѓањето компании кои навистина вредат за долгорочно инвестирање.

Во интервју за CNBC, Бафет оцени дека голем дел од учесниците на берзата денес се водат од желбата за брза заработка, наместо од внимателна анализа и долгорочна стратегија.

„Тешко е да се најдат потценети компании кога сите претпочитаат да се коцкаат“, изјави Бафет.

Добрите можности се појавуваат ретко

Легендарниот инвеститор, кој со децении ја применува стратегијата на вложување во потценети компании, нагласи дека квалитетните инвестиции не се појавуваат секојдневно и дека за нив е потребно трпение.

„Има периоди кога можностите ви се нудат толку брзо што е речиси неверојатно. И има периоди кога имате голема среќа ако најдете една добра инвестиција за неколку години. Втората треба да биде вообичаена состојба“, рече Бафет.

„Берзата стана црква со казино“

Според Бафет, финансиската индустрија заработува повеќе кога инвеститорите постојано купуваат и продаваат акции, отколку кога долгорочно ги задржуваат своите вложувања.

Тој потсети и на својата претходна критика, кога берзата ја опиша како „црква со казино“, алудирајќи на експанзијата на шпекулативното тргување, особено со еднодневни опции (ODTE), кои, според него, повеќе наликуваат на коцкање отколку на инвестирање.

Аналитичарите предупредуваат на прегреан пазар

И покрај тоа што американските берзански индекси оваа година достигнаа рекордни вредности, дел од финансиските аналитичари предупредуваат дека акциите поврзани со развојот на вештачката интелигенција можеби се преценети.

Воедно, експертите забележуваат раст на вложувањата во високоризични финансиски инструменти, како што се одредени ETF фондови со потпора и краткорочни опции, кои можат значително да ги зголемат и добивките и загубите.

Бафет смета дека ваквите производи се насочени кон краткорочно тргување и немаат многу заедничко со класичното долгорочно инвестирање, кое со децении го промовира како најсигурен пристап за создавање капитал.

error: Содржината е заштитена од копирање !!