MKinformer

your daily dose of news

ДЗР: Општините не наплатиле 2,93 милијарди денари

23/07/2026 9:06

ДЗР: Речиси три милијарди денари останале ненаплатени во општините

Општините во земјава не успеале да наплатат речиси три милијарди денари по основ на локални даноци, такси и надоместоци во периодот од 2020 до 2024 година, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Извештајот предупредува дека слабостите во законската рамка, недостигот од кадар и неефикасната администрација сериозно го нарушуваат системот за прибирање на сопствените приходи.

Ненаплатени милијарди и отпишани долгови

Според ревизорскиот извештај, во анализираниот период се акумулирани 2,93 милијарди денари ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци.

Истовремено, биле отпишани побарувања во вредност од 233,9 милиони денари, додека дури 67 проценти од ненаплатениот данок на имот се однесуваат на долгови постари од пет години.

Законски слабости и застарени проценки

Ревизорите утврдиле дека постојната законска регулатива не овозможува ефикасна наплата на локалните приходи. Како клучни проблеми се наведуваат неажурирани регистри на недвижности, непрецизни рокови за плаќање, несоодветно уредена достава на даночните решенија и застарена методологија за проценка на вредноста на недвижностите, која не ја следи реалната пазарна состојба.

Дополнително, само 15 општини извршиле ревизија на пазарната вредност на недвижностите, што, според ДЗР, создава нееднаква примена на законските прописи.

Недостиг од инспектори и административен кадар

Во извештајот се посочува дека недоволните човечки ресурси, непополнетите работни места во даночните одделенија, недостигот од проценители и нецелосните регистри значително го отежнуваат администрирањето на локалните приходи.

Ревизорите наведуваат и дека само три од осумте комунални такси се администрираат и наплатуваат во повеќе од половина од општините.

Дополнителен проблем е слабиот инспекциски надзор. На државно ниво има само еден инспектор од Управата за јавни приходи, а во сите општини работат вкупно 16 даночни инспектори, кои притоа немаат овластување да изрекуваат глоби.

Препораки за подобрување на системот

Државниот завод за ревизија упати повеќе препораки до надлежните институции со цел да се подобри администрирањето и наплатата на локалните даноци, такси и надоместоци, како и да се зајакне фискалниот капацитет на општините.

error: Содржината е заштитена од копирање !!