MKinformer

your daily dose of news

Нови строги контроли со дронови на патиштата

26/07/2026 20:05

Дронови ќе патролираат над патиштата во Црна Гора, следуваат строги контроли и високи казни

Воздушен надзор за поголема безбедност во туристичката сезона

Црногорската полиција ова лето воведе засилен надзор на сообраќајот со помош на дронови, со цел да ја подобри безбедноста на патиштата во периодот на туристичката сезона, кога кон црногорското приморје се движи голем број домашни и странски возила.

Беспилотните летала се користат на територијата на целата држава, а најголемо внимание е насочено кон централниот и јужниот дел на Црна Гора, каде во летниот период е забележано значително зголемување на сообраќајот.

Дроновите ќе ги евидентираат најопасните прекршоци

Воздушниот надзор е воведен според практиките што веќе се применуваат во повеќе земји од Европската Унија, каде дроновите се користат за откривање опасни прекршоци и спречување сообраќајни несреќи.

Со дроновите ќе се евидентираат сериозни прекршоци, меѓу кои:

  • пречекорување на дозволената брзина;
  • непрописно и опасно претекнување;
  • претекнување колона преку полна линија;
  • претекнување во непрегледни кривини.

Од полицијата најавуваат дека контролите ќе бидат особено строги на делниците со зголемен ризик од сообраќајни несреќи, а видеонадзорот и дроновите ќе се користат во текот на целата летна туристичка сезона.

Апел за почитување на сообраќајните правила

Од црногорската полиција ги повикуваат возачите да ги почитуваат сообраќајните прописи и брзината да ја приспособат на условите на патот.

Како што наведуваат, целта на овие мерки не е само казнување, туку пред сè заштита на животите на граѓаните и туристите, во рамки на превентивната кампања „Живеј, не брзај“.

Високи парични казни за прекршителите

За прекршување на сообраќајните правила во Црна Гора се предвидени високи парични казни.

За возење под дејство на алкохол од 0,3 до 0,5 промили казната изнесува од 70 до 200 евра, додека за алкохол од 0,5 до 1,0 промили се движи од 300 до 2.000 евра. Доколку возачот има повеќе од 1,0 промил алкохол во крвта, покрај парична казна, можно е и апсење и затвор до 60 дена.

Некористењето сигурносен појас се казнува со од 40 до 100 евра, користењето мобилен телефон при возење со од 60 до 150 евра, затемнувањето на стаклата со од 150 до 1.000 евра, а непрописниот превоз на деца до пет години со од 40 до 100 евра, односно од 60 до 150 евра за непрописен превоз на деца до 12 години.

error: Содржината е заштитена од копирање !!