MKinformer

your daily dose of news

Пет малолетници ќе добијат кривични пријави за бруталното претепување на 13-годишникот во Влае

12/11/2026 15:15

Претепувањето на 13-годишникот во Влае добива нова разврска – СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава против пет малолетници од Скопје поради сомнение дека сториле кривично дело „насилство“.

„СВР Скопје по целосно документирање на случајот ќе поднесе кривична пријава против пет малолетни лица од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘насилство’“, информираат од МВР.

Нападот се случил на плоштадот „Делфина“

Инцидентот се случил на 18 октомври, околу 00:30 часот, на подрачјето на Влае.

Во првичниот полициски билтен МВР потврди дека 39-годишна жена во 15:30 часот пријавила дека нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници, од кои дел му биле познати, а во нападот бил употребен и тврд предмет.

Подоцна, во полиција биле повикани пет малолетници на возраст од 15 години, во присуство на родители и бранители, додека полицијата продолжила да утврдува дали во нападот учествувале и други лица.

Мајката тврдеше дека го нападнала поголема група

За случајот јавноста дозна откако мајката на момчето јавно раскажа детали за нападот.

Според нејзиното сведоштво, во насилството учествувала група од околу 15 до 20 малолетници, а нејзиниот син бил турнат во круг и удиран од повеќе лица.

Таа тврдеше дека најголем дел од ударите биле насочени кон главата, како и дека бил употребен метален боксирач.

Официјалната полициска информација во тој момент потврди напад од група малолетници и употреба на тврд предмет, но не го потврди точниот број на напаѓачи ниту видот на предметот.

Скршени заби и повреди на главата

Според информациите што тогаш беа објавени во медиумите, 13-годишното момче се здобило со сериозни повреди, меѓу кои искршени заби, модринки и повреди на главата.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за врсничкото насилство и безбедноста на малолетниците на јавни места.

Со најавените кривични пријави против пет лица, претепувањето на 13-годишникот во Влае влегува во следна фаза на постапката, додека надлежните институции треба да утврдат индивидуална одговорност за секој од инволвираните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!