(Видео)Кравите на „Мисицата“од Крива Паланка стигнаа до вести во Америка: „Асошиејтед прес“ пишува за проблемот што со години не се решава
14/11/2026 14:46
Кравите од Крива Паланка стигнаа и до американските вести. „Асошиејтед прес“ објави текст и видео за стотиците грла добиток што со години неконтролирано се движат низ градот и околните села, уништуваат земјоделски површини и предизвикуваат штети на приватен и општински имот.
АП наведува дека бројот на животните пораснал од околу 400 пред четири години на повеќе од 1.000 денес, а проблемот веќе не се однесува само на уништените ниви и дворови. Жителите предупредуваат и на опасност за сообраќајот на патот кон Бугарија, како и на ризик за водоснабдувањето на градот.
Од локален проблем до вест за американска агенција
Американската агенција ја опишува Крива Паланка како град во кој стадата слободно се движат низ улиците, реката, рекреативните површини и околните населени места.
АП објави и фотографии и видео од кравите што се движат низ градот и разговараше со жители кои велат дека проблемот трае со години.
Еден од жителите за агенцијата изјавил дека животните му уништиле повеќе од 150 дрвја во овоштарникот и редовно влегуваат на патот, каде ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот.
Решение има од 2024 година, но не е спроведено
АП посебно го издвојува фактот дека Агенцијата за храна и ветеринарство уште во 2024 година донела решение за одземање на стадото од тројца сопственици.
Сепак, две години подоцна, решението сè уште не е целосно спроведено.
Градоначалникот Сашко Митовски за АП вели дека токму тука се наоѓа апсурдот – АХВ го донела решението, но не успеала да го спроведе, додека Општината нема законски овластувања сама да ги одземе животните.
Од 400 на повеќе од 1.000 крави
Митовски за американската агенција изјавил дека бројот на добитокот за четири години се зголемил од околу 400 на повеќе од 1.000 грла.
Тој објаснил дека Општината формирала кризен штаб откако заклучила дека надлежните институции со години не покажале доволна волја, капацитет или ресурси за трајно решавање на проблемот.
Општината поради тоа бара Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба.
Кравите се движат низ 34 села
Според податоците што Митовски ги изнел за АП, животните не се движат само низ градот, туку и низ 34 околни села.
Минатата година, според неговите тврдења, дел од добитокот угинал во близина на главните извори за водоснабдување, што дополнително ја зголемило загриженоста кај локалното население.
АП забележува и дека еден од сопствениците претходно бил обвинет и приведен поради попречување на акција за одземање на животните, но случајот завршил со негово ослободување по сведочење на инспектор од АХВ.
„Македонија увезува месо, а 1.000 крави ни ги уништуваат нивите“
Во текстот на АП е пренесена и реакцијата на една жителка на Крива Паланка, која укажува на уште еден парадокс – земјата увезува месо, млеко, овошје и зеленчук, додека повеќе од 1.000 крави слободно се движат и уништуваат земјоделски површини.
Проценетата пазарна вредност на стадото, според АП, е меѓу 360.000 и 570.000 евра.
Така, кравите од Крива Паланка, кои со години се локален проблем за жителите, стигнаа и до страниците на една од најголемите светски новински агенции – додека трајното решение сè уште се чека.




