MKinformer

your daily dose of news

Во пресрет на утрешниот протест паланчани повторно тероризрани од стадото на „мисиците“

25/02/2026 20:54

Крива Паланка повторно се соочува со проблемот со неконтролираното движење на кравите низ градот и околните ридови, а во пресрет на утрешниот протест на револтирани и оштетени граѓани, денеска паланчани повторно беа вознемирени од присуството на добитокот во урбаните и периферните делови.

По вчерашната тензична акција на институциите, во која учествуваа инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и припадници на МВР, состојбата на терен и натаму останува нерешена. Според медиумските извештаи, од околу 500 грла добиток биле заловени само десетина, додека најголемиот дел и понатаму се движи надвор од контрола.

Денешните сцени, како што сведочат граѓани, повторно предизвикале страв и незадоволство, особено кај сопствениците на земјоделски површини и приватни имоти кои тврдат дека трпат штети.

За утре е најавен мирен протест на револтирани и оштетени граѓани од Крива Паланка и регионот, насочен против, како што наведуваат организаторите, „дивеењето“ на кравите и долгогодишната неефикасност во решавањето на проблемот. Поддршка за протестот, според информациите, има од претставници на 16 месни заедници.

Општина Крива Паланка претходно упати повик за достоинствено и одговорно учество, нагласувајќи дека поддржува целосно спроведување на законската рамка и очекува надлежните институции да преземат конкретни мерки.

Проблемот со слободното движење на добитокот со месеци предизвикува реакции во јавноста, а утрешниот протест се очекува да биде јасен сигнал за барање трајно решение.

error: Содржината е заштитена од копирање !!