Осомничениот за насилство што избега низ прозорец од СВР Битола се предаде: 24-годишникот е лишен од слобода
16/11/2026 14:57
Осомничениот од Битола кој на 10 ноември избега низ прозорец од полициската станица, денеска доброволно се предал во СВР Битола.
Станува збор за 24-годишниот К.У., осомничен за семејно насилство врз 21-годишна битолчанка. Неговото предавање било координирано меѓу адвокатот, СВР Битола и Основното јавно обвинителство Битола.
Се предал точно напладне
Според информациите од МВР, К.У. доброволно дошол во полициската станица денеска во 12:00 часот, по што веднаш бил лишен од слобода.
Со него службен разговор започнале инспектори од криминалистичката полиција при СВР Битола.
Полицијата информира дека во координација со битолското Обвинителство продолжуваат дополнителните мерки за целосно расчистување на случајот.
Против него веќе е поднесена кривична пријава
На 11 ноември против К.У. била поднесена кривична пријава поради сомнение за две кривични дела:
„Загрозување при семејно насилство“ по член 144 став 3 и „Телесна повреда при семејно насилство“ по член 130 став 2 од Кривичниот законик.
Избега низ отворен прозорец
Случајот предизвика големо внимание откако МВР потврди дека К.У. на 10 ноември доброволно дошол во СВР Битола заедно со родител.
Во моментот кога полициските службеници преземале дејствија со намера да го лишат од слобода, тој успеал да избега преку отворен прозорец од службена просторија.
Полицијата веднаш започнала потрага, а за околностите под кои успеал да избега бил известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.
Девојката пријавила долготрајно насилство
21-годишната битолчанка на 10 ноември во полиција пријавила дека истиот ден била физички нападната од партнерот.
Според пријавата, К.У. подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани.
Во меѓувреме девојката била згрижена во шелтер-центар, а судското рочиште за заштитни мерки било одложено за 18 ноември поради неговата недостапност.
Со денешното предавање, осомничениот од Битола повторно е под контрола на полицијата, а следниот чекор ќе зависи од постапувањето на Обвинителството и судот.


![Насилник од Тетово ѝ се заканувал на сопругата и ќерката semejno-nasilstvo[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/semejno-nasilstvo1.jpg)



